46. МОВ - 300 на 250

Традицијата  на Македонската опера и балет и понатаму продолжува со  доближување на оперската и балетската уметност до публиката. Фестивалот „Мајски оперски вечери“ е еден од ретките оперски фестивали во Европа . Годинава тој ќе се одржи по 46 пат, што навистина претставува бројка за почит. Поаѓајќи од респектабилната бројка на одржани фестивали и интересот на публиката за овој значаен културен настан, уметничкото водство на куќата се определи за поделба на програмата во два дела, официјален програм и оф програм со што ќе се понудат серија на настани од 09 мај до 31.мај. За подетални информации, можете да го погледнете  каталогот на 46. Мајски оперски вечери.

Во пресрет на овогодинешните 46. по ред Мајски оперски вечери, Македонската опера и балет подготви прекрасни доживувања за љубителите на уметноста под мотото #ГоСлавимеПучини. По повод 160 годишнината од раѓањето на овој безвременски мајстор на операта, Македонската опера и балет подготви програма од неговите најпопуларни дела (Боеми, Тоска, Турандот), поддржани со гости солисти од целиот свет. Во официјалната програма на Мајски оперски вечери 2018 се нудат 5 оперски изведби (Боеми 09.05, Тоска12.05, Турандот19.05, Змејот од Босна22.05 и Аида31.05) и  2 гала концерта (Балетски бисери 15.05 и Puccini&Rossini 23.05). Во оф програмата  се тематските изложби,  #retrOpera,  ретроспективнта изложба на Васе Урдин и „Почетоци“ , промоцијата на монографијата за Зина Креља и одбележување на јубилејот – 100 години од раѓање  на Данка Фирфова.

Накратко, се потрудивме грижливо да одбереме наслови и солисти, кои се надеваме дека ќе ги задоволат вкусовите на најголемите вљубеници во операта, но и најострите критичари.

Операта, како и секоја друга форма на уметност, е значајна бидејќи ни нуди рефлексија на тоа што сме, на начинот на кој се поврзуваме со другите и ни отсликува што значи да се биде човек … 

Бисера Чадловска, уметнички раководител на Операта

За програмата

09.05 –Свеченото отворање на овогодинешните оперски вечери ќе биде со премиера на претставата „Боеми“. Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими во Париз ќе се изведе под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, во режија на Дејан Прошев. Главните улоги ќе ги изведат нашите солисти Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова.

12.05 – Изведба на претставата „Тоска“. Диригент на оваа изведба ќе биде гостинот од Р. Словенија, Симон Кречич, во режија на гостинот од Р. Бугарија, Огњан Драганов. Во улогите на Тоска и Каварадоси ќе ги видиме гостинката од Турција, Феријал Туркоглу, гостинот од Бугарија Иван Момиров и Борис Трајанов.

15.05 – „Балетски бисери“ – гала балетски концерт, со настап на врвни уметници од земјава и странство, проследен со изложбата „Почетоци“ во фоајето на МОБ. “Почетоци”- е посветена на првите генерации балетски уметници од кои понатаму ќе се трасира патот, иднината на македонскиот балет каков што денес го познаваме и доживуваме. “Почетоци” всушност претставува мал вовед во големиот јубилеј кој македонскиот балет заедно со својата публика ќе има чест и задоволство да го прослави во претстојната сезона 2018/2019, а тоа е 70 години од основањето на истиот.

19.05 – „Турандот“, приказната за прекрасната принцеза Турандот, музичко – сценски ќе ја пренесат на сцената на МОБ, гостинот диригент од Р. Италија, маестро Алесандро Д’ Агостини , Весна Ѓиновска – Илкова (Турандот), Амади Лага (Калаф), Ноема Ерба (Лиу) и Игор Дурловски (Тимур). Режијата, сценографијата и костимографијата се на познатиот Џанкарло дел Монако, од Р. Италија, додека за светлосниот дизајн се погрижи Волфганг вон Цубек од Австрија.

22.05 – Македонската опера и балет ќе биде домаќин на над 100тина гости од Националната опера на Р. Босна и Херцеговина, кои ќе ја изведат нивната најнова оперска продукција „Змејот од Босна“. Автор на ова оперско дело е светски познатиот композитор Асим Хорозиќ, додека либретото е на Нијаз Алиспахиќ. Диригент е гостинот од Р. Хрватска Нада Матошевиќ – Орешковиќ.

23.05 – ПУЧИНИ и РОСИНИ – гала оперски концерт по повод 160 годишнината од раѓањето на Џакомо Пучини, и на уште еден не помалку значаен јубилеј, 150 години од смртта на Росини. Овие два сосема различни композитори ќе ги споиме во една посебна гала вечер, на концерт, на кој ќе биде изведен еден мал дел од опусот на нивната волшебна музика. Диригент е  Рафаеле Масколо од Р. Италија.  Настапуваат гостин солист, Елена  Баканова, сопран од Русија, заедно со  нашите првенци и солисти, Славица Петровска – Галиќ, Сандра Митровска, Наде Талевска,  Ирена Кавкалевска, Никола Китановски, Благој Нацоски, Дарко Нешовски, Зоран Сотиров, Горан Начевски и Владимир Саздовски.

31.05 – е вечер посветена на традиционалното затворање на фестивалот со операта „Аида“ и воедно е вечер посветена на оперската примадона Данка Фирфова. Ќе прославиме 100 години од раѓање на нашата оперска дива со лирско белканто со вагнеровска драматика. Диригентското водство е на маестра Бисера Чадловска, режијата е на Дејан Прошев, додека главните улоги ќе ги толкуваат Ана Лукреција Гарсија, Софија Јанелидзе, Валтер Фракаро, Марјан Јованоски, Владимир Саздовски и Александар Стефановски  како и балетските првенци Марија Кичевска Шокаровска и Бобан Ковачевски.

Оф програма…

09 – 31.05 – #retrOpera – изложба И оваа година, Македонија преку активностите на Македонската опера и балет е дел од европската иницијатива Европски оперски денови. Како земја се вклучуваме и во серијата настани кои се оддржуваат на европско  ниво во рамките на иницијативата Европска година на културното наследство во Република Македонија во партнерство со Министерството за култура и Делегацијата на Европската унија во Скопје.

…Културното наследство е дел од сé и ресонира во сето она што го правиме.. .инспирирани од овогодишната тематика, за ова издание на ЕОД, МОБ, поточно Одделението за документација и историска архива, подготви ретроспективна изложба, под наслов #retrOpera “, која јавноста ќе има можност да ја види во период од 09 – 31 мај во Фоајето на МОБ.

МОБ, несебично и со големо задоволство со вас ќе го сподели сопственото наследство, стекнато и создадено со помош на многу национални и интернационални уметници кои настапиле на интернационалниот фестивал „Мајски оперски вечери“ уште од далечната 1972 година. Наша и Ваша, архивска граѓа од оригинални фотографии, записи, прес клипинзи, постери, скици…итн.

Идејата е сé со цел јавноста да може да ја ВИДИ, ОСОЗНАЕ, ЗАПОЗНАЕ, историјата на нивниот омилен и единствен дом на операта и балетот, еволуцијата на идејата низ годините и улогата која ја игра и има театарот во заедницата.

Лица за контакт:

За изложбата: Един Личина на  biblioteka@mob.com.mk

За ЕОД: Евица Тасеска Каранфилова, локален ЕОД координатор на evica@mob.com.mk

09 – 31.05-Ретроспективна изложба на Васе Урдин.“ Во рамки на „Мајските оперски вечери“ ќе бидат презентирани делата од целокупниот опус на мајсторот Васе Урдин. Ореовото дрво и делата изработени од него, презентирани на оваа изложба, се ретроспективен приказ на неговата долгогодишна работа. Уметничката замисла и експресија е компонирана во два изразни блока, едниот дефиниран под поимот применета уметност, другиот под поимот скулптура. Оваа изложба претставува круна на неговата долгогодишна кариера.

10.05 –  „До ре ми фа Соле – Вечер со г-дин Аки Нуредини “. Во оваа пригода замислена како „Вечер со Аки Нуредини“, само на 52 км оддалеченост од неговото родно село Камењане, ќе се обидеме да ви ја приближиме животната приказна на еден од најстрасните љубители на операта, гостопримливиот сопственик на уникатното „Соле“, оперската сторија полна анегдоти поврзани со местото кое е инспирација и извориште на многу нови идеи, претстави и пријателства. Овој интересен животопис на господинот Нуредини и е веќе достапен на меѓународната јавност преку неговата книга, „До ре ми фа Соле“. Ова интересно четиво е своевидно мени создавано триесет години, според уникатен рецепт на грижливо бележени и документирани сведоштва за влијанието и значењето на неговото гастрономско „катче“ во кое се вкрстуваат политиката, културата и уметноста. Со овој настан – мал свечен чин на истакнување на меѓусебната почит на Македонската опера и балет и господинот Нуредини, нашата земја уште еднаш ги потврдува добрите културни врски со Република Австрија.

15.05 – „Почетоци“- Изложбата е посветена на првите генерации балетски уметници од кои понатаму ќе се изнедри иднината на македонскиот балет каков што денес го познаваме и доживуваме. “Почетоци” всушност претставува мал вовед во големиот јубилеј кој македонскиот балет заедно со својата публика ќе има чест и задоволство да го прослави во претстојната сезона 2018/2019, а тоа е 70 години од основањето на истиот.

20.05 – Зина Креља – промоција на монографија.  Фоаје на МОБ. Автори на монографијата се м-р Снежана Анастасова – Чадиковска и д-р Александар Трајковски. Книгата го прикажува уметничкиот и животен пат на оперската примадона Зина Креља – првенката и еден од основоположниците на Македонската Опера, која во текот на својата кариера, на сцената на националната оперска куќа реализира 23 оперски улоги.

Оваа публикација содржи интересни податоци за нејзиниот животен пат, за нејзините почетоци на оперските сцени ширум поранешна Југославија, за школувањето во Италија, како и за доаѓањето и животот во Скопје. Посебно значење, атрактивност и привлечност на монографијата ѝ дава фактот дека истата е богато илустрирана со многу фотографии од уметничкиот и приватниот живот на Зина Креља, кои досега се непознати за јавноста.

31.05 – Данка Фирфова, јубилеј  Фоаје на МОБ – Прославуваме јубилеј, 100 години од раѓањето на нашата оперска дива. Во таа чест и ја посветуваме и 46тата изведба на операта „Аида“ токму на неа. Таа спаѓа во редот на првите драмски сопрани кај нас. Фирфова е уметник кого критиката ја карактеризира со „глас кој наликува на инструмент кој пее“,  уметник со „прекрасни гласовни квалитети, висок степен на пејачка култура и музикална интерпретација“ и „прекрасно пијанисимо во највисокоиот регистар“.Таа е носител на главната улога во првата опера испеана на македонски јазик, улогата на Сантуца во операта „Кавалерија Рустикана“ од П. Маскањи. Споменувајќи го тој историски  настан,  Фирфова говореше: „…Тоа беа возбудливи денови не само за нашата национална култура, туку и за секој поединец кој директно учествуваше во создавањето на нашата музичка историја. Се чини најубаво е што остануваат чувствата на достоинство дека сме учествувале во создавањето на вредности и како цел колектив и како поединци…“. Од 1947 година па натаму, Данка Фирфова се реализирала како истакнат солист, носител на низа оперски улоги од областа на драмскиот сопрански фах.

46. МОВ - 728 на 90