Фондацијата „Срце од срце“ ја основав за сите кои беа и се немоќни пред своите животни неприлики. Јас сум еден од тие лица кои се соочиле со лошата болест, открива докажаниот музичар, менаџер и хуманист

Ќазим Асотиќ е новиот в.д. директор на Македонската опера и балет. Во МОБ е редовен член од 1991 година. Бил прв фаготист солист и во Симфонискиот оркестар – Ниш и вонреден професор на Музичката академија на Приштинскиот универзитет. Основач е на фондацијата „Срце од срце“ и има освоено признание за филантроп индивидуалец на годината. Работел и како менаџер на познати естрадни уметници со кои учествувал на повеќе меѓународни музички фестивали.


Асотиќ: Културата им припаѓа на уметниците

Женски Магазин * Ве изненади ли одлуката на Министерството за култура токму Вие да бидете нов директор на Македонската опера и балет?

Ќазим- Задоволство беше поканата на Министерството за култура да ми ја додели задачата да раководам со една ваква институција, единствена во нашата држава, стожер на културните збиднувања. Знаејќи дека ќе следуваат промени во раководните функции изненадувањето не беше неочекувано, но беше добредојдено. Бев подготвен за отворање на нова врата во областа на класичната уметност.

Женски Магазин* Политиката не смее да биде инволвирана во ниеден аспект во културата, но кај нас тоа е невозможна мисија. За краток период неколку луѓе застанаа на чело на националната установа и тоа зборува за атрактивноста на ова работно место. Зошто публиката треба да му верува на Ќазим Асотиќ?

Ќазим– Докажан уметник низ годините. Солиден менаџер и на институции, продукции, уметници од естрадата. Она што можам да го понудам на публиката е врвно задоволство и уживање во културата и уметноста. Културата е нешто што мораме да го оттргнеме од „канџите“ на политиката. Културата им припаѓа на уметниците, на вљубениците во истата. Искрено, сметам дека сите мои колеги кои моментално се поставени да ги извршуваат овие раководни функции се правилниот избор на министерот Роберт Алаѓозовски, лица кои својата креативност ја преточуваат во уметност.


„Моето 30 годишно работно искуство во МОБ е иницијалната каписла при организирањето на програмата за работа на самата институција“

Женски Магазин* Каква е моменталната финансиска состојба на МОБ?

Ќазим– Мојот претходник излезе со одредена анализа околу финансиската состојба на самата институција. Сметам дека сум на функција многу краток период за да можам и официјално да излезам со аргументи и докази околу самата состојба. Во мојот план и програма имам предвидено и ревизија за да можеме да излеземе чисти пред јавноста со информации околу тоа каде, како, дали и зошто се потрошени финансиски средства од самата институција. За обврска си земам да Ве информирам благовремено за сè.

Женски Магазин* Каква е Вашата визија за институцијата во која со години сте вработени? Што најмногу Ви пречеше кога бевте од другата страна? Треба ли нешто драстично да се менува?

Ќазим– Моето 30 годишно работно искуство во МОБ е иницијалната каписла при организирањето на програмата за работа на самата институција. Железниот репертоар од класичната уметност е она што ние го нудиме на публиката за повеќе да ја доближиме оваа уметност до истата. Како важен момент е и привлекувањето на младата публика во која гледам потенцијални уметници, наши идни првенци. Врвни музички дела на дланка на нашите верни следбеници.

Меѓучовечките односи, почитта и дружењето на вработените се она што сигурно ќе се потрудам да го променам и да создадам една атмосфера која кај вработените, моите колеги ќе биде поттик за создавање на квалитетни сценски музички дела, а со тоа ќе имаме и продукција со која ќе целиме кон врвот на културната уметност не само кај нас, туку и пошироко.


Со пејачот Игор Узунов, негов близок пријател и соработник, се имаат претставено на повеќе меѓународни фестивали

Женски Магазин* Што Ве натера да ја основате Фондацијата „Срце од срце“ за помош и лекување на лица заболени од леукемија и карцином?

Ќазим– Помошта што им беше потребна на сите оние лица кои беа и се немоќни пред своите животни неприлики.

Женски Магазин* Дали потребата за ваков ангажман е можеби некоја животна драма во Вашето најблиско опкружување?

Ќазим– Мојата животна „драма“. Јас сум еден од тие лица кои се соочиле со лошата болест. Знам како и со што се соочуваат сите тие лица.

Женски Магазин * Дали сè уште постои Вашата продуцентска куќа која низ годините соработуваше со повеќе популарни пејачи?

Ќазим– Со оглед на тоа што сега сум на функција која бара максимално посветување, а е за нијанса поразлично од она што го работев како менаџер на наши најпознати естрадни уметници, мојата продукција е препуштена во рацете на оние изведувачи во кои имам најголема доверба и знам дека ќе продолжат каде што застанавме заедно. Во исто време истите тие ќе продолжат да нижат успеси на кои јас секогаш сум горд.

Женски Магазин* Во музичките кругови Ве препознаваат како голем професионалец и хуманист. Кои се Вашите интереси надвор од професионалните обврски? Во што уживате најмногу?

Ќазим– Во слободно време уживам да патувам во друштво со моите најблиски пријатели, со мојот син. По природа сум хедонист и тука е одговорот на Вашето прашање.

ИНТЕРВЈУ СО ДИРЕКТОРОТ НА МОБ, ЌАЗИМ АСОТИЌ: Уживам во патувањата со синот

Уживам Во Патувањата Со Синот

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов

*превземено од „Женски магазин“