Делата на нашите автори се наш пасош кон светските сцени

 

Зад себе имате 30 годишно искуство како фаготист, а од февруари годинава сте на чело на Македонската опера и балет. Со какви предизвици се соочивте при стапувањето на функцијата?

Со милион идеи, програма за воздигнување на институцијата на уште едно повисоко ниво како што заслужуваме, железен репертоар за враќање на публиката назад, но со желба за воздигнување на меѓучовечките односи кои и онака се разнишани и со создавање на нова креативна работна атмосфера. Имав силен ентузијазам за отворање нова страница и пат кон идни големи успеси на уметниците кои творат во Македонската опера и балет.

Уметниците најчесто се жалат на условите за работа, а публиката на програмата. Што превземате во оваа насока?

Веќе е креиран план за создавање на хорска сала за хорот на МОБ кој сеуште работи во несоодветни услови. Планот ќе доживее и свое остварување во најбрз можен рок со што ќе се намали напнатоста која се создава. Се изнаоѓа и начин сите вработени и ангажирани да бидат наградени за својата завршена работа со што ќе бидат дополнително мотивирани за креирање на уште поуспешна приказна за МОБ. Тука би потенцирал дека еден од приоритетите ми е враќањето но, и поставувањето на нашите национални дела од нашите врвни автори на сцената на МОБ со што со сигурност ќе ја заинтригираме публиката да си резервира столче и да ужива. Нашите автори заслужуваат подеднакво почит како и другите а, нивните дела се наш пасош кон европските и светските класични театри за претставување на нашата куќа но, и култура.

Неодамна се вративте од гостувањето во Виена, Австрија. Што значеше оваа посета за МОБ?

Гостувањето всушност беше договор за една идна и голема соработка помеѓу МОБ како Национална Установа и Штац Опера како синоним за врвна класична сцена. Вокалните тренери од врвната Виенска Штац опера ќе го подотворат патот на нашите уметници кон светските класични сцени, ќе создадат еден поинаков имиџ и пристап кон врвот на класичната оперска уметност. Гостувањето на Штац опера во октомври, ќе го искористиме како сериозен и силен поттик за почеток на една нова успешна сезона на МОБ, а мастер класовите од врвните оперски имиња ќе бидат сигурност дека нашите уметници ќе го усовршат уште повеќе она во кое се најдобри.

Каква е состојбата со хонорарните соработници на МОБ и дали има и други случаеви на незадоволство поради ненавремена исплата на хонорари како што беше со јапонскиот балетан ?

Хонорарните соработници кои моментално се 9 на број и создаваат балетска уметност се ангажирани во МОБ но, сепак се под договор од Министерството за култура од каде што би требало и да очекуваат подмирување на обврските за кои вредно сработиле. Дотичниот г-дин излезе со малку „напумпана“ приказна за која најверојатно бил наведен од трети лица, притоа не потенцирајќи дека МОБ како институција своите обврски како сместување и здравствено осигурување редовно ги покривало за време на неговиот ангажман. Доблест ќе беше да се извинеше затоа што се дрзна да „плука“ во бунарот од каде што пие вода т.е. по МОБ а, да не се обрати на местото каде што му е потпишан договорот. Симптоматично беше и што Јапонската амбасада воопшто не реагираше во врска со ваквите случувања а, тие се тука за да си ги заштитуваат своите сограѓани, да ги одбранат во нивните основни права. Сепак, Министерството за култура иако во тој период се соочуваше со огромни проблеми изнајде начин и ги исплати задоцнетите хонорари кои се беа наталожиле од минатото. Отсега па, натаму ќе направиме се за нашите гости – соработници никогаш повеќе да не се најдат во таква ситуација затоа што нивниот квалитет сепак го подигнува нивото на проектите.

Најавивте атрактивна програма, но и гости од странство не само на Мајските оперски вечери, туку и во текот на целата година. Каков е интересот за соработка од нивната страна?

Фанфарите годинава ќе најават “We Celebrate Puccini”  или 46- ти Мајски оперски вечери во чест на големиот италијански композитор Пучини, 160 години од неговото раѓање. Како еден од најголемите светски композитори заслужува да биде испочитуван на врвен фестивал како МОВ со неговите најголеми и најпознати дела како „Турандот“, „ Тоска“, и секако како премиера за отворањето . „Боеми“.. Агентите кои работат во областа на класичната уметност и нивната заинтересираност за нашите уметници надалеку познати по својот квалитет, отвораат пат за промоција и взаемна соработка преку реципроцитет на квалитетните изведувачи.

За крај, каков е Ќазим Асотиќ приватно и што Ве исполнува како човек надвор од работните обврски и сцената?

Алтруист, филантроп со признание од светската организација ЦИР-а, скромен и секогаш подготвен да помогне каде што има потреба. Сакам да уживам во сонцето со убаво кафе, опкружен со пријатели, да споделувам среќа и хумор и да сум насмеан покрај насмеани лица. Најдобар другар на син ми со кого секој слободен момент го користам за да трасираме еден чист пат кон квалитетен живот. Горд татко, пријател на искрените, сопатник со паталците, едноставен човек.

МОБ ќе соработува со оперските куќи во Австрија, Бугарија и Босна

Директорот Асотиќ, неодмна беше и во официјална посета во театарот на Државната опера во Стара Загора, Република Бугарија, каде што оствари средба со директорот Огнен Драганов. Посетата беше по повод склучување договор со нивниот Меѓународен оперски фестивал што се одржува секоја година од 25 ноември до 8 декември. МОБ ќе биде гостин со операта ”Севилски берберин” на 7 декември со комплетниот ансамбл. Ова е уште една соработка на МОБ после договорите со Босанската опера и филхармонија, и познатата Виенска Штац опера.

(Д.Т)  превземено од „Вечер“