ПРВЕНЕЦ СОЛИСТ
Ana Durlovski

Ана Дурловски е родена 1978 година во Штип, Македонија. Своите студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Биљана Јовановска Јакимовска. Во 2001 година таа започнува да ја украсува својата вокална техника во Виена, во Камерното студио на КМС Оливера Милјаковиќ. Она што е карактеристично за Ана Дурловски уште од самиот почеток на нејзината кариера, е долгата, висока, блескава колуратура, перфектното легато и нејзиниот моќен глас. Своето деби Ана Дурловски го прави во 2000 година на сцената на Македонската Опера и балет со улогата на Лучија ди Ламермур, по што следат улогите на Адела во „Лилјакот“, Розина во „Севилскиот берберин“, Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Дона Ана во „Дон Џовани“ и други. Физичката убавина, драматичниот оган и лирскиот интензитет кои ги поседува Ана Дурловски ја носат и нa сцените во оперските куќи во светот и и обезбедуваат соработка со светските оперски куќи во светот како: Виена, Берлин, Мајнц, Минхен, Загреб, Осиек, Сплит, Сараево, Софија, Букурешт, Белград, Тирана и други. Во 2005 година Ана Дурловски станува стипендист на фондацијата „Музички театар за Југоисточна Европа“. Добитник е на наградата „Маријана Радев“ за за најдобра женско оперско остварување во Хрватска, за улогата Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“. Ана Дурловски е добитник на највисокото државно признание од областа на културата, титулата Национален уметник за 2015 година на Република Македонија. Во моментов е член на Оперската куќа во Мајнц.