ПРВЕНЕЦ СОЛИСТ

2 (10)Весна Ѓиновска – Илкова, дипломира на ФМУ во Скопје,во класата на професор Милка Ефтимова, а магистeрските студии ги завршува во Белград во класата на професор Радмила Бакочевиќ.Во нејзината богата оперска продукција, остварува над 20 насловни улоги. Дебитира во 1996 година со улогата на Микаела во „Кармен“, а меѓународното деби го има во Софија во 1998 година, со улогата на Елизабета во „Дон Карло“, во рамки на меѓународниот натпревар Борис Христов. Меѓу нејзините настапи на меѓународната сцена се вбројуваат: настапот во Софиската опера како Дона Елеонора во „Моќ на судбината“ , Тоска во „Тоска“, Елизабета во „Дон Карлос“, а улогата на Аида ја толкува во Копенхаген, во Сава Центарот во Белград и на фестивалот Хистрија во Пула. Во 2014 година Весна Ѓиновска-Илкова рецитално дебитира во Њујорк, каде интерпретира дела од македонски автори. На нејзинот репертоар се улогите на Чо-чо Сан во „Мадам Батерфлај“, Леонора во „Моќ на судбината“, Сантуца во „Кавалерија Рустикана“, Лејди Магбет во „Магбет“, Леонора во „Симон Боканегра“, Турандот и Лиу во „Турандот“ и други. За достигнувањата во оперската уметност, Весна Ѓиновска-Илкова е добитник е наградата „13 Ноември“, која ја доделува градот Скопје, „Златна Маска“ и „Златна лира“ на здружението на музички уметници во 2009 година. Во 2014 година ја добива наградата „Виртуози“, а стопанската комора на Република Македонија ја прогласува за почесен амбасадор на културата на државата.