СОЛИСТ НОСИТЕЛ НА ГЛАВНИ УЛОГИ
G38A0080 Младата оперска уметница Нада Талевска-Спасовска веќе сигурно чекори на оперската сцена во Македонија. Со изразит вокален и сценски израз, таа полека но сигурно се наметнува како еден од најнадежните оперски солисти. Талевска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Муратовска – Наумовска, и во текот на своите студентски денови бележи многубројни настапи и учества на семинари и натпревари, каде се стекнува со награди и признанија. Како студент учествува во претставите „Кармина Бурана“ и „Аида“, а во 2009 година ја забележува својата прва позначајна улога како Кралицата на ноќта во детската продукција на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Во 2011 година дебитира како солист во МОБ во „Кармина Бурана“ на Карл Орф и Џилда во операта „Риголето“ од Верди. 2012 за Талевска ќе остане забележана како година во која таа бележи уште едно значајно оперско деби – улогата на Лучија во операта „Лучија ди Ламермур“ од Доницети.