ПРВЕНЕЦ СОЛИСТ

SlavicaСлавица Петровска Галиќ, првенка на операта при МОБ, е магистeр по соло пеење, концертен пејач и професор на Факулетот за музичка уметност во Скопје. Дипломира во класата на професор Коста Трпков. Магистерските студии ги започнува во класата на примадона Радмила Бакочевиќ во Белград, а ги завршува во класата на професор Милка Ефтимова во Скопје. Својата специјализација ја остварува на конзерваториумот „Римски Корсаков“ во Санкт Петербург, каде ја изучува руската музика и вокална техника во класата на професор Татјана Николаевна- Лаврова. За време на специјализацијата е ангажирана во театарот „Рубинштајн” каде што аудиционата комисија и доделува две улоги: Виолета во „Травијата” и Розина во „Севилскиот берберин“. Врз основа на аудиционата претстава „Травијата” од 1986 година, е во постојан ангажман во операта при МОБ. На нејзиниот репертоар се наоѓаат улогите: Адина во „Љубовниот напиток”, Хана Главари во „Веселата вдовица”, Оскар во „Бал под маски”, Неда во „Палјачи”, Мизета во „Боеми”, Розина во „Севилскиот берберин”, Џилда во „Риголето”, Виолета во „Травијата” и други. Меѓу нејзините најуспешни концертни солистички настапи можат да се издвојат „Вечер на руска музика“ и „Вечер на германски романтичари“. Славица Петровска Галиќ особено го негува камерното пеење и член е во камерното трио „Скопје”. Меѓу највисоките награди и признанијата кои ги добива се вбројуваат: наградата „11-ти Октомври” , наградата „Златна Лира” за животно дело, наградата и „13 Ноември“ од страна на градот Скопје. Од 2007 година Славица Петровска Галиќ е вонреден професор по соло пеење на Факултетот за музичкауметност во Скопје.